Економија, финансии, бизнис

Контакт

КАМЕРОН ЗА БРЕГЗИТ: Резултатот од референдумот не може да се предвиди

КАМЕРОН ЗА БРЕГЗИТ: Резултатот од референдумот не може да се предвиди

Британскиот премиер Дејвид Камерон изјавил за „Financial Times“, дека резултатот од утрешниот референдум за членството на Велика Британија во Европската унија не може да се предвиди, но ако избирачите гласаат за останување во ЕУ, инвестициите во Велика Британија ќе се зголемат, пренесе Ројтерс.

„Позициите се израмнети, никој не знае што ќе се случи“, рече премиерот во интервјуто што го даде за весникот вчера, помалку од два дена пред референдумот на 23 јуни.

„Ако луѓето гласаат за останување во ЕУ , бизнисот, креаторите на раст и работни места ќе се покажат во петокот: Велика Британија одлучи, ајде да ја зајакнеме економијата, ајде да создаваме работни места и нови можности, бидејќи таа е многу добро место за бизнис“ , истакнал премиерот на Британија.

Тој ги повика британските гласачи и особено постарите да размислат за влијанието на евентуално излегување од Европската унија за земјата и идните генерации, додава Ројтерс.

Во Велика Британија и Гибралтар има вкупно 46,5 милиони избирачи, кои имаат право да гласаат на референдумот утре за членството во Европската унија, соопшти изборната комисија, цитирана од Ројтерс и медиуми.

„Податоците од 382 изборни единици покажуваат дека во Обединетото Кралство и Гибралтар има регистрирани 46 499 537 гласачи. Тоа е бројот на избирачите со право да гласаат на референдумот во четвртокот“, се вели во пораката на изборната комисија.

Познати згради во земјата беа осветени синоќа во боите на знамето „Унион Џек“ и на нив се појавија натписи „Гласајте за останување“ во кампањата за утрешниот референдум.

Меѓу осветените згради беа галеријата за современа уметност „Тејт“ во Лондон, замокот во Единбург и трговскиот комплекс „Бул Ринг“ во Бирмингем.

Гласањето ќе ја одреди иднината на Европа, но анкетите покажуваат поделба подеднаква за и против британското јавно мислење и резултатот е непредвидлив, додава Ројтерс.

Слично

Поврзани вести