Камерон со порака до имигрантите: Нема веќе социјална помош по автоматизам
Премиерот Дејвид Камерон најави дека Велика Британија ќе го заостри системот на социјална помош, што ќе биде достапен за имигрантите. Мерките ќе бидат воведени на една година од истекот на ограничувањата на ЕУ на пристапот на Романците и Бугарите на пазарот на трудот, пренесе ДПА.
Камерон нагласи дека луѓето што ќе дојдат во Велика Британија, повеќе не треба да очекуваат „да добијат нешто во замена за ништо“, како и дека пристапот до социјална помош не е автоматско право, туку е нешто што имигрантите треба да го заслужат.
Камерон нагласи дека имигрантите ќе бидат лишени од помошта при невработеност по шест месеци, освен ако не докажат дека имаат „реална шанса“ да најдат работа и дека ќе бидат вклучени во списоците за општински станови само откако ќе живеат во земјата повеќе од две години.
Исто така нагласи тој, граѓаните од земјите надвор од ЕУ ќе мора да покажат дека имаат здравствено осигурување пред да бидат прифатени на лекување, а Владата планира и зголемување на казните за компаниите што вработуваат илегални имигранти.
