Камерон сака „што е можно поблиски“ односи меѓу Британија и ЕУ по Брегзит
Британскиот премиер Дејвид Камерон рече дека сака "што е можно најблиски" односи со ЕУ, откако Британија гласаше да ја напушти Унијата, додавајќи дека разделбата треба да биде "што е можно поконструктивна", пренесува AFP.
При пристигнувањето на состанокот во Брисел, Камерон, кој ќе отстапи од функцијата по неколку недели, за новинарите изјави дека ќе ги "бара најблиските можни односи во трговијата и соработка за безбедност".
"Би сакал овој процес да е што можно поконструктивен", додаде тој. "Ќе кажам на средбата на ЕУ дека Велика Британија ја напушти Европската унија, но овој процес треба да биде толку конструктивен, колку што е можно. Верувам дека таков резултат е можен", констатира тој.
"Ние не мислиме да го свртиме грбот на Европа. Овие земји се наши соседи, пријатели, партнери и сојузници", додаде Камерон.
"Ние ќе се стремиме кон многу поблиски односи со ЕУ во областа на трговијата, соработката и безбедноста", увери британскиот премиер. На 23 јуни жителите на Велика Британија гласаа на референдум за напуштање на Унијата.
Оваа позиција беше поддржана од 52% од гласачите, а за спротивното мислење беа - 48%. За напуштање гласаа Англија и Велс, а за останување Шкотска, Северна Ирска и престолнината на Велика Британија - Лондон. Брисел ја повика Велика Британија да ја започне што е можно побрзо постапката за Брегзит.
