Камерон побара референдум за излез од ЕУ во јуни 2016 година
Премиерот на Велика Британија, Дејвид Камерон побара референдумот за членството на земјата во Европската унија (ЕУ) да биде распишан во јуни 2016 година, ако лидерите на другите земји - членки на ЕУ, се согласат со предлозите за реформите во Унијата, кои Лондон ќе ги предложи на Европскиот совет во декември, пишува „Тајмс“.
Цитирајќи официјални претставници на Владата, изданието наведува дека европските партнери биле предупредени дека ако декемврискиот самит помине добро, Камерон ќе предложи да се одржи референдумот уште во средината на 2016 година. Според изворите, премиерот бил советуван од другите лидери за гласањето да не биде одложено за подоцна, бидејќи се очекува нова имиграциона криза во Европа во текот на летото на 2016 година.
Според кабинетот на премиерот се уште не е одлучено кој ќе биде точниот датум за гласањето - тоа ќе зависи од исходот на преговорите со Брисел, а како краен рок е крајот на 2017 година.
Се очекува во вторник оваа недела „Даунинг стрит“ да испрати отворено писмо до претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, во кое ќе бидат наведени конкретните барања за реформите во заедницата.
Во писмото категорично ќе биде наведено дека ако не се постигне договор, конзервативната влада во Лондон ќе ја поддржи кампањата за излез од ЕУ на референдумот. Во истиот ден Дејвид Камерон ќе направи специјално обраќање посветено на претстојниот референдум.
„Ако не можеме да дојдеме до договор и ако британските стравувања не бидат слушнати, што не верувам дека ќе се случи, тогаш ќе мора да размислуваат повторно дали Европската унија е вистинското место за нас. Како што рековме порано - не исклучуваме ништо“ , цитира „Ројтерс“ извадоци од претстојната изјавата на премиерот.
Иако ќе ја предложи можноста да го поддри излегувањето од ЕУ, Камерон ќе повтори дека сака сепак Велика Британија да остане во блокот во кој се приклучи во 1973 година.
Според последните анкети поголемиот дел од Британците се уште преферираат да го поддржуваат останувањето на земјата во ЕУ, но полека се намалува и бројот на противниците а членството расте.
Премиерот на Велика Британија добива сериозна критика, дури и во сопствената партија поради недостаток на конкретни барања до Брисел. Во писмото до Туск најверојатно ќе бидат побарани ограничувања за социјалните додатоци за имигранти од ЕУ за четири години престој, исклучување на Велика Британија од политиката на ЕУ за уште подлабока интеграција и повеќе овластувања за Долниот дом да го отфрла европското законодавство.
