КАМЕРИТЕ ЈА ОТКРИЈА СТРАШНАТА ВИСТИНА ЗА МАСАКРОТ ВО ТЕКСАС: Полицијата доцни „само“ 77 минути, Рамос за тоа време убива 19 деца и две учителки
Локалниот медиум „Austin American-Statesman“ објави снимка
од надзорната камера од основното училиште Роб во Увалде, каде напаѓачот Салвадор Рамос со автоматска
пушка уби 19 деца и две
учителки на крајот на мај.
Надзорните камери го снимиле моментот кога 18-годишникот непречено влегол во основното училиште во 11 часот и 33 минути носејќи автоматска пушка. Неколку секунди подоцна, се гледа како ученик доаѓа зад аголот и веднаш бега откако го здогледал Рамос. Првите полицајци пристигнале во училиштето само две и пол минути подоцна и се упатиле кон една од училниците, но се повлекле откако слушнале истрели.
Во 11:52 пристигнуваат уште полицајци вооружени со пиштоли и облечени во панцири. Сепак, тие се уште не се обидуваат да упаднат во училницата каде што бил напаѓачот. Во 12:30 часот се гледа како полицаец застанува да земе средство за дезинфекција на рацете. Во 12 часот и 50 минути, точно 77 минути откако напаѓачот влегол во училиштето, полицијата конечно влегла во училницата и го убила.
Федералните, државните и локалните власти со недели го истражуваат лошиот и задоцнет полициски одговор на масакрот во основното училиште. Семејствата на жртвите побараа објавување на снимките од надзорните камери. Дел од снимките беа објавени денеска, а целосната снимка од надзорот треба да биде објавена во текот на викендот.
Извештајот на Одделот за јавна безбедност во Тексас, објавен на почетокот на јули, покажа дека полицаецот имал можност да пука во Рамос уште пред тој да влезе во училиштето, но се двоумел бидејќи чекал дозвола од својот претпоставен.
На 24 мај 18-годишниот Салвадор Рамос прво ја застрелал својата баба во домот. Го грабнал оружјето и се упатил кон основно училиште каде уби 19 деца и две учителки. Престрелката во училиштето Увалде беше најсмртоносниот напад во последните 56 години во Тексас и петти најлош масакр во училиште во САД. Големата истрага покрената по пукањето открива се повеќе детали за масовниот неуспех на полицијата која енормно доцнела во дејствувањето.
