Како Трамп за една ноќ успеа да собере 10 милиони долари за идната кампања
По се изгледа дека претседателот на САД Доналд Трамп веќе сериозно размислува за следните избори кои ќе се одржат во 2020 година. Нa 28 јуни 2017 година Трамп организираше вечера за да собере пари за идната кампања и успеа да собере 10 милиони долари само за една ноќ пренесе Associated Press (AP).
Според зборовите на Прес секретарот на Националниот комитет на Републиканската партија Линдзи Џеникс, на настанот што се одржа во хотел Trump International, биле присутни 300 лица. Билетот за двочасовниот настан го чинел по 35 илјади долари секој гостин. AP истакнува дека настанот го привлекол вниманието и на политичките противници на Трамп. Пред зградата се собрале активисти, кои држеле транспаренти со натписи „Здравствени грижи, а не намалување на даноците“ и скандирале „срам!“
Американскиот претседател ја прекршил традицијата на својот претходник и не дозволил новинарите да присуствуваат на настанот. Првично на новинарите им е ветено дека ќе можат да бидат присутни во салата за време на говорот на Трамп, но подоцна организаторите го промениле мислењето.
Прибирање на средства од овој државен шеф започна невообичаено рано, речиси 3,5 години пред следните избори. Сепак заменик Прес секретарот на Белата куќа Сара Сандерс рече дека не гледа ништо чудно во тоа. „Тој собира пари за својата партија“ - вели таа.“Не мислам дека тоа е нешто невообичаено за секој претседател.“
Во 2016 година Трамп прилично доцна започна да собира средства за својата претседателска кампања - само пет месеци пред изборите. Во почетокот тој финансираше се со свои пари, а дури потоа се сврте кон финансиска помош од донатори.
Во првите три месеци од оваа година на жиро сметка отворена за идната изборна кампања на Трамп, се собрани повеќе од 7 милиони долари. Организаторите успеваат да ги соберат овие средства главно од мали донации од гласачите и продажбата на тематски производи, како на пример црвената капа со натпис „Да ја направиме Америка повторно голема.“
