Kaко Макрон и Ердоган му честитаа на Путин?
Францускиот претседател, Емануел Макрон во телефонски разговор му го честиташе реизборот на рускиот претседател Владимир Путин, посакувајќи му успех во политичката, демократската, економската и општествената модернизација на Русија.
Макрон е првиот значаен западен лидер кој му ја честиташе победата на Путин на претседатселските избори во Русија кои се одржаа вчера.
Во соопштението од Елисејската палата стои дека Макрон при разговорот ја потврдил својата посветеност кон конструктивен дијалог меѓу Русија, Франција и Европа. Тој е убеден дека соработка меѓу ЕУ и Москва е од суштинско значење за европскиот континент и за двете страни. Двајцата претседатели разговарале и за случувањата во Сирија, борбата против употребата на хемиско оружје и за труењето на поранешниот руски разузнавач Сергеј Скрипал во Велика Британија. Путин на вчерашните претседателски избори победи со освоени 76,7 отсто од гласовите.
Во телефонскиот разговор помеѓу турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган и Путин, станало збор за борбите во Сирија и во тој контекст за напорите на Москва и на Анкара да се реши кризата.Русија го поддржува сирискиот претседател Башар Асад, додека Турција е настраната на дел од бунтовничките групи. Заедничко е што и двете земји соработуваат на изнаоѓање дипломатско решение за крај на седумгодишната граѓанска војна.
