Како „Исламска држава” создаде светска мрежа на убијци?
Нападите во Париз од 13 ноември 2015 година, оние од 22 март во Брисел и други крвави напади во светот се дело на „Емни" - една од најважните алки во тајните служби на „Исламска држава", се вели во истражен материјал, објавен во денешниот број на весникот „Њујорк тајмс".
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров коментира дека „Исламска држава" не се ограничува да врши репресија врз христијаните. Според Лавров, терористичката организација не прави разлика меѓу христијани и шиити, а лидерите на организацијата не може да се дефинираат како „религиозни луѓе", но се решени да создадат калифат од Лисабон до Пакистан.
Во почетокот „Емни" била одговорна за внатрешна безбедност во териториите под контрола на „Исламска држава", вклучувајќи темелна проверка на регрутите во групата и фаќање на потенцијалните шпиони. Но, според разузнавачки податоци на неколку европски држави, оваа служба веќе води и операции зад граница, организирајќи напади и создавајќи терористички ќелии.
Началник на „Емни" е највисокиот сириски агент на „Исламска држава", Абу Мухамед ал Аднан, познат на пошироката јавност како портпарол на групата. Тој одговара не само за пропагандата на „Исламска држава", туку и за да врбува луѓе од сите единици.
„Њујорк тајмс" се повикува на документи од француското, белгиското, германското и австриското разузнавање, како и од стенограмот од испрашувањата на членови на „Исламска држава".
