Економија, финансии, бизнис

Контакт

Како екс американскиот амбасадор во СССР ја предвиде кризата во Украина пред четврт век?

Како екс американскиот амбасадор во СССР ја предвиде кризата во Украина пред четврт век?

Џек Метлок, последниот американски амбасадор во СССР, пред да се распаден големиот источен блок, пред точно 25 години предупреди на катастрофално сценарио во Украина. Дипломатот сведочеше пред Сенатот на САД со прогноза дека Украина може да прерасне во критична точка на конфронтирање со Русија.

„Сметам дека препораката на администрацијата за прием на нови членки во НАТО во овој момент е погрешна. Доколку биде одобренa од Сенатот на Соединетите Американски Држави, може да влезе во историјата како најдлабокиот стратегиски гаф направен откако заврши Студената војна. Наместо подобрување на безбедноста на САД, нивните сојузници и државите кои сакаат членство во Алијансата, тоа би можело да поттикне синџир на настани што би можеле да предизвикаат најсериозна безбедносна закана за Украина од распадот на Советскиот Сојуз“, тогаш сведочеше Метлок.

За волја на вистината Украина никогаш не стана членка на НАТО, но обидот за нормализирање на односите со Западот сериозно го вознемири режимот на Путин и доведе до сегашната воена инвазија. Тоа секако не е оправдување за руската агресија, но дипломатот поставува генеза на проблемот која датира и многу пред настаните од „Мајданската револуција“ во 2014 година.

Метлок како кариерен дипломат служел во Амбасадата на САД во Москва во 1962 година. Тогаш за време на „Ракетната криза“, американските дипломати во СССР речиси и да не биле свесни колку двете супер сили биле блиску до нуклеарна војна. Затоа смета дека, секој обид за вклучување на поранешните советски републики како Украина и Грузија во НАТО ќе доведе до трка на вооружување, до натпревар на покажување сила, загрозување на безбедноста и евентуално нарушување на мирот.

Ѕвечкањето на нуклеарките

Во време кога дебатата околу Русија и Украина е прилично поларизирана, односно потсетува на бинарноста на Студената војна, или си за Русите или за Американците, вака најпросто кажано, тоа што малку се забележува е заканата од нуклеарното оружје. Генерациите кои го градеа светот по големата војна во 1945 година паметат што значеше страв од нуклеарен холокауст. Што значат воени вежби, вклучувајќи и цивилно население со гас маски, барање прибежиште под земја и складирање залихи за евентуална катастрофа.

Според дипломатот Метлок, сегашниот естаблишмент, многу лесно ја заборава нуклеарната криза од 1962 година и трката за вооружување.

„Проблемите со Русија не се само проширувањето на НАТО. Со втората администрација на Буш започна процес на повлекување од целата контрола на вооружувањето - скоро сите договори што ги склучивме со Советскиот Сојуз, токму тие договори што доведоа до крај на Студената војна. Донесовме одлуки за директен упад во внатрешните прашања на новоформираните независни држави, па и директни обиди за промена на нивните влади. Се обидувавме да контролираме други земји, да ги доведеме во она што го нарекувавме „нов светски поредок“, но тој и не е толку уреден. И исто така на некој начин го поставивме правото да ја користиме војската кога и да посакаме“, изјави Метлок за „Демократија сега“.

Според поборникот за колку и да не е популарно за наоѓање трајно решение, неопходно ќе биде да се испочитуваат дел од руските барања и заедничко креирање на безбедносните политики, во спротивно судирот ќе се продлабочи и може да биде уште поопасен отколку сега, па дури и потежок отколку во најкритичните моменти на Студената војна.

Х. С.

Слично

Поврзани вести