Економија, финансии, бизнис

Контакт

Како дојде до руската инвазија и што значи ова за светскиот поредок?

Како дојде до руската инвазија и што значи ова за светскиот поредок?

Предупредуваа со месеци, но не веруваа дека Путин ќе нареди воена инвазија во Украина. Западот со остра осуда и заеднички став за солидарност и зачувување на територијалниот интегритет на Украина. Од друга страна Русија сериозно ја поткопува западната безбедносна архитектура во чие средиште е американската хегемонија. Светот и официјално е во нова фаза на мултиполарност, а тензијата е највисока како во најтешките денови на Студената војна.

Тоа што започна во 2014 како „Мајданска револуција“ ќе се оконча сега, на еден или друг начин со руската инвазија. Претседателот Путин со години повторуваше дека еднополарен свет не е возможен, но притоа со употреба на сила и агресија сака да ја врати Украина во прегратки, како во најдобрите денови на Советскиот сојуз.

Но, како од преговори за спречување НАТО експанзија на истокот и гаранции за безбедноста на Руската Федерација, дојде до масовна инвазија?

Како што вели Весна Попоска, универзитетска професорка и докторант на Воената академија, сега сме во фаза која може да прерасне во уште поголема криза.

„Никој не може да предвиди што ќе се случува. Ако добро гледате на мапата напади има врз стратешка инфраструктура, односно воени цели, но и цивилни цели. Според руските власти - ова не е почеток на нова војна, туку крај на осумгодишната војна, како што изјави Марија Захарова портпарол на руското МНР. А, според рускиот амбасадор во Македонија, власта во Кремљ се повикува на Повелбата на Обединетите нации, притоа без да навлегува зошто. Претпоставувам дека алудира на инхерентното право на самоодбрана на државите во некој порастеглив контекст“, вели Попоска.

Како дојде до сето ова?

Многу комплексни фактори влијаат врз ситуацијата. Судирот во Украина подолго време се одржуваше под нивото на активен конфликт, а во позадина се вртат бројни стратешки, геополитички и економски интереси на различни страни.

„Мировните преговори практично пропаднаа, но се уште немаме точни информации зошто. Најверојатно Русија ќе тврди дека нападот е превентивен. Исто така ќе ги користи и аргументите на западните земји кои вршеа воени интервенции во изминатите дваесет години во име на самоодбрана и закана по националната безбедност.

Нападот е од масовен обем и веќе треба да се применува меѓународното право за вооружен конфликт, вклучувајќи ја и Женевската конвенција, па затоа изненадува таргетирањето на цивилни објекти и инфраструктура.

Што може да преземе Западот?

Западните земји може да искористат четири алатки на моќ, дипломатски, информациски, економски и воени.

Првите две се веќе исцрпени и се покажаа како неефикасни, односно не успеаја да го спречат воениот напад. Сега на ред се економските санкции најавени од сите кои се солидаризираа со Украина.

„Тој одговор Русија најверојатно го очекуваше и со огромната економија подотвена е да го прими ударот. Нивниот ефект нема да биде преголем и лесно да ја предомисли или повлече од воените операции во Украина. Заплашува проблемот кој може да настане со цената на рускиот гас и влошување на енергетската криза. Енергетската безбедност е клучниот ас во ракавот на двете страни и за тоа може да се преговара“.

Директна воена интервенција е далеку од возможна. Пред се Украина не е членка на НАТО, па така било каков судир би значел и директно војување со Русија. Од друга страна НАТО се мобилизира на источниот блок со распоредување дополнителни трупи, опрема и вооружување.

„Според заклучоците на итната седница која ја водеше генералниот секретар Јенс Столтенберг утврдена е заедничка позиција на алијансата, а мерки може да се преземат по Членот 4 кој се однесува на земјите стратешки партнери. Мислам дека тука можностите на западните сојузници се ограничени. Советот на безбедност како тело на ОН кое се грижи за светскиот мир, може да го осуди рускиот напад, но со оглед што Русија е постојана членка посериозни мерки не се очекуваат“, заклучува Попоска.

Ова е безмалку најголемата војна на европско тло по крвавиот распад на Југославија, а во геополитичките игри и зацртување или преземање на зоните на влијание најмногу ќе страдаат граѓаните.

Х. С.

Слично

Поврзани вести