Како беше уапсен Мадуро? Шпионите знаеја каде оди, што јаде...
Aмериканските разузнавачи со месеци го следеле секој потег на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, што кулминираше со драматична воена операција во која а заробен.
Мал тим, вклучувајќи извор од венецуелската влада, снимал каде спие 63-годишникот, што јаде, што носи, па дури и детали за „неговите миленици“, откриле високи воени претставници.
Операцијата, со кодно име „Апсолутна решителност“, е резултат на месеци прецизно планирање и вклучувала изградба на реплика на безбедната куќа на Мадуро во Каракас, за да можат елитните американски трупи да го вежбаат нападот, јавува Би-Би-Си.Планот - вонредна американска воена интервенција во Латинска Америка каква што не е видена уште од Студената војна - беше држена во тајност. Конгресот не беше известен ниту консултиран однапред. Откако сите детали беа финализирани, високите воени претставници едноставно чекаа оптимални услови за да го почнат нападот.
Тие сакаа да го максимизираат елементот на изненадување, рекоа претставниците. Операцијата речиси беше почната четири дена претходно кога претседателот на САД, Доналд Трамп даде зелено светло, но беше донесена одлука да се почека подобро време и помалку облачност.
„Со недели, во текот на Божиќ и Нова Година, мажите и жените од војската на Соединетите Американски Држави седеа подготвени, трпеливо чекајќи да се исполнат вистинските услови и претседателот да ни нареди да преземеме акција“, рече генералот Ден Кејн, највисок воен офицер во земјата, на прес-конференција во сабота наутро.
Наредбата за лансирање на мисијата конечно дојде во 22:46 часот по источно време (03:46 часот по Гринич во сабота).
„Требаше да го направиме тоа пред четири дена, пред три дена, пред два дена, а потоа одеднаш се отвори. И рековме, одиме“, изјави самиот Трамп за Фокс њуз, неколку часа по ноќната акција.
Наредбата на Трамп дојде кратко пред полноќ по локално време во Каракас, давајќи ѝ на војската поголем дел од ноќта да дејствува под закрила на темнина.
Операцијата што следеше, која вклучуваше воздушни, копнени и морски напади што траеја два часа и дваесет минути, ги запрепасти многумина во Вашингтон и низ целиот свет. Беше практично без преседан по својот обем и прецизност и предизвика веднаш осуда од неколку регионални сили. Бразилскиот претседател Лула да Силва рече дека насилното апсење на венецуелскиот лидер постави уште еден исклучително опасен преседан за целата меѓународна заедница.
Во последните месеци, илјадници американски војници беа распоредени во регионот, придружувајќи се на носач на авиони и десетици воени бродови во најголемото воено засилување во последниве децении. Првите знаци на операцијата „Апсолутна решителност“ беа видливи на небото. Повеќе од 150 авиони - вклучувајќи бомбардери, борбени авиони и извидувачки авиони - беа распоредени преку ноќ, според американските претставници, пренесува Индекс.
„Беше многу сложено, исклучително сложено, целиот маневар, слетувањата, бројот на авиони. Имавме борбен авион за секоја можна ситуација“, рече Трамп за Фокс њуз.
Експлозии одекнуваа низ Каракас околу 2 часот наутро по локално време, а над градот можеа да се видат облаци од чад.
