Кадиров тврди дека можат да отидат и во Америка, а Молдавија да ја остават далеку зад себе
Ако каже Путин подготвени сме да одиме и во Америка, вели чеченскиот лидер Рамзан Кадиров.
Тој вели дека ако рускиот претседател Владимир Путин даде наредба, тие ќе одат и во САД, а Молдавија ќе ја остават зад себе.
„За таквите наредби не се разговара, туку се извршуваат. Ги имаме сите потребни сили, средства и опрема за да ја спроведеме“, рече Кадиров.
Чеченскиот лидер изјави дека Москва ќе ги постигне своите цели во Украина до крајот на годината, а во нив спаѓаат, меѓудругото, и освојување на градовите Киев, Одеса и Харков.
Кадиров изјави дека негов висок генерал во Украина бил затруен откако земал плик. Тој на Телеграм напиша дека на 8 февруари Апти Алаудинов, кој командува со специјалните сили Ахмат, зел писмо кое било заситено со супстанција со силен мирис. Со лекарска помош се избегнати сериозни последици, но кажа и дека во тек е истрага за она што го опиша како „обид за атентат“.
Според него, обидите на Западот да ја разбие Русија траат уште од 90-тите години на минатиот век.
Претходно, претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави дека ѝ предал документ на молдавската колешка, Маја Санду, кој претставува „детален план на Русија за уништување на политичката ситуација во Молдавија“. Молдавија се плаши од државен удар.
Претседателката на Молдавија, Маја Санду денеска ја обвини Москва дека планира да користи странски саботери, меѓу кои и граѓани на Србија и Црна Гора, со цел да го собори раководството на Молдавија, да ја спречи државата да се приклучи на Европската Унија(ЕУ).
