Кадиров прогнозира дека украинската контраофанзива нема да успее, а ќе има „трофеи од западно оружје“
Чеченскиот лидер Рамзан Кадиров во изјава на Телеграм вели дека контраофанзивата на вооружените сили на Украина, за која пишуваат западните медиуми, ќе оди на рака на Русија. Според него, таа за Украина ќе донесе големи загуби.
Вели дека за успешна контраофанзива им се потребни многу ресурси. Кадиров објасни дека позициите на руската армија се „поволни и утврдени“. Чеченскиот лидер рече дека методите и маневрите на вооружените сили на Украина се предвидливи.
„Контраофанзивата на украинските сатанисти и платениците на НАТО ќе работи во наша корист. И како цреша на тортата – трофеи, примероци од странска технологија, толпи затвореници кои, како и секогаш, ќе испаднат „воени готвачи или електричари“. Значи, ако НАТО и украинските нацисти сакаат да извршат контранапад во која било насока, ја повикувам нашата војска да заплени што е можно повеќе примероци на сосема ново западно оружје за да ги надополни нашите колекции“, изјави Кадиров.
Инаку, Кадиров неодамна им порача на Русите ако се патриоти да одат во ровоите во Украина, да докажат колку ја сакаат својата земја, наместо да протестираат против изградба на џамија во Москва која би собрала 60.000 верници. Неговите борци се заканија дека ако видат уште едно видео од протест, ќе ги казнат руските граѓани кои се против изградба на џамија.Руската инвазија на Украина почна на 24 февруари лани.
