Кадиров најави формирање на сопствена приватна армија по моделот на групата Вагнер
Чеченскиот лидер и сојузник на рускиот претседател Владимир Путин, Рамзан Кадиров, изјави денеска дека планира еден ден да основа своја приватна воена компанија по моделот на Вагнер групацијата на Евгениј Пригожин, пренесува Ројтерс.
Во објава на Телеграм, Кадиров изјави дека војниците на групата Вагнер, борејќи се со руските војници во Украина, постигнале „импресивни резултати“.
„Можеме со сигурност да кажеме дека Вагнер покажа храброст и стави крај на дискусиите за тоа дали се потребни или не такви приватни воени компании“, рече Кадиров, кој ја води Чеченската Република од 2007 година.
Подемот на Вагнер и другите платенички сили надвор од традиционалната руска воена командна структура ја зголеми загриженоста кај западните дипломати дека таквите групи еден ден би можеле да претставуваат закана за стабилноста на Русија.
Кадиров и Пригожин главно ги водат силите во Украина независно од руската воена команда и се цврсти сојузници на Путин, но тие јавно се изјаснија и против руското воено раководство. Групата на Вагнер, која игра се позначајна улога во војната меѓу Русија и Украина, го предводи повеќемесечниот напад на градот Бахмут во областа Доњецк, пренесува Танјуг.
Кадиров, син на поранешниот чеченски претседател Ахмад Кадиров, кој беше убиен во бомбардирањето во 2004 година во Грозни, склучи премолчен сојуз со Пригожин поради заедничката критика на руското воено раководство и повиците за пожестока конфронтација, според Ројтерс.
