КАДИРОВ БАРА ПУТИН ДА ГО РАЗРЕШИ: Дали е во прашање сериозна болест?
Лидерот на руската република Чеченија, Рамзан Кадиров побара од рускиот претседател Владимир Путин да го разреши од позицијата.
Тој бара да поднесе оставка од функцијата, потврди за „Чеченија денес“. Кадиров владее со Чеченија од 2007 година.
„Се надевам дека моето барање ќе биде поддржано“, рече Кадиров.
Вели дека одлуката дали ќе биде разрешен сега зависи од Путин. Изјавата на Кадиров доаѓа кога болеста на чеченскиот диктатор, некроза на панкреасот, напредува брзо и кога тој наводно го назначил својот малолетен син Адам за свој наследник, според независниот руски медиум „Новаја Газета Јуроп“.
Ова не е прв пат Кадиров да побара оставка. Тој даде слични изјави во 2016, 2017 и 2022 година, според независниот руски медиум „Астра“. Тогаш неговата оставка не беше одобрена.
Инаку, Чеченија стана позната како еден од најопасните делови во светот, озлогласена по присилните исчезнувања, тортурата и вонсудските убиства. САД и другите западни сојузници воведоа санкции против Кадиров и неговото семејство поради кршење на човековите права во републиката.
