Каде одат 30 милијарди „валкани“ долари?
Повеќе од 30 милијарди „валкано“ заработени пари со криминал, корупција и даночно затајување секоја година излегуваат од Бразил. Нечесно заработените пари кои излегуваат од земјата претставуваат 1,5% од бруто домашниот производ на бразилската економија, се наведува во извештајот на американската невладина организација Глобал Фајненшел Интегрити.
Според оваа организација, одливот на парите заработени на овој начин остава негативни последици врз економијата на Бразил, која последниве години бележи забавен раст.
Парите би можеле да бидат искористени за да се запре натамошното забавување на растот на Бразил, се наведува во извештајот.
„Валканите“ пари излегуваат од земјата главно преку трговските механизми, соо фалсификување на сметки и потценување или преценување на извезената стока. На тој начин од Бразил се изнесени 90% од вкупно 400,6 милијарди долари кои излегле од земјата во периодот меѓу 1960 и 2012 година.
Во просек, меѓу 2010 и 2012 година од Бразил на годишно ниво се изнесуваат по 33,7 милијарди долари, додека меѓу 2000 и 2010 таа сума изнесувала 14,7 милијарди долари годишно. Во износот не е пресметан физичкиот трансфер на „валкани“ пари, заработени со продажба на дрога, како и финансиските трансакции меѓу мултинационалните компании.
„Бразил има сериозен проблем во поглед на валканите пари, и намалувањето на овој капитал мора да биде приоритет за идната бразилска влада“, се заклучува во извештајот.
Слично
