Каде е најдобро да бидеш богат?
Најновите истражувања на даночните стапки во развиените земји покажуваат дека е најдобро да си богат во Саудиска Арабија, додека на просечниот Грк, кога станува збор за даноци, најпаметно му е да се разведе!
„Битлси“ во 1966 година ја снимија песната „Даночник“ во знак на протест против „супертаксата“ од 95% која за богатите луѓе ја воведоа лабуристите, а познатиот бенд, кој тогаш беше во врвот на популарноста, мораше да ја плати. Денес, највисоката даночна стапка во Велика Британија е два пати пониска, но сепак и понатаму е причина за јавни расправи.
Во Франција, претседателот Франсоа Оланд во предизборната кампања вети дека даночната стапка за примањата над еден милион евра ќе изнесува 75%, со што предизвика остри ракции во јавноста, а „протера во егзил“ многу познати и богати Французи, како актерот Жерар Депардје.
Даночната политика на Оланд на суд беше прогласена за неуставна во 2012 година, но сепак беше изменета за корист пак да има државата – но овојпат данокот го плаќа работодавачот. Така, фудбалскиот клуб ПСЖ за тригодишен договор со Златан Ибрахимовиќ, чија годишна плата изнесува 14 милиони евра, на државата мора да и плати дури 35 милиони евра!
Во Италија, просечен граѓанин од побогатата класа, заработува годишно 400.000 долари, отплаќа куќа вредна 1,2 милиони долари, оженет е и има две деца. Но, тој дома носи само половина од заработувачката, односно 202.360 долари (50,59%) а остатокот оди на даноци и социјални давачки.
Во Индија од вкупниот приход останува 54,9%, во Велика Британија 57,28%, во Франција 58,10%, во Канада – 58,13%. По овие параметри, најниски даноци плаќаат богатите во Мексико, на кои дома им остануваат 70,60% од заработувачката, Бразил (73,32%), Русија (87%) и Саудиска Арабија (дури 96,86%).
Во повеќето земји-членки на ОЕЦД, даночните стапки за брачни парови со деца се пониски во просек за 5,5% во однос на оние за самци. Во Германија оние во брак плаќаат дури 19% понизок данок отколку самците. Ситуацијата е поинаква само во Грција – таму брачните парови со деца плаќаат повисок данок отколку самците.
Слично
