Јужна Кореја ги обнови пропагандните пораки до Северна Кореја
Јужна Кореја ќе го обнови од утре емитувањето на пропаганда со поставените по границата звучници кон Северна Кореја како одговор на четвртиот севернокорејски нуклеарен обид, соопштија светските агенции, повикувајќи се на висок претставник на Сеул.
Нуклеарниот тест на Пјонгјанг е „сериозно кршење“ на склучениот договор во август помеѓу двете Кореи за намалување на тензиите и подобрување на односите, изјавил претседателскиот советник за национална безбедност Чхо Те-јон.
„Армијата ни е во целосна борбена готовност и ако Северна Кореја изврши провокација, ќе има строго казнување“, изјавил Чхо.
Двете Кореи разменија артилериски оган во август 2015 година, откако Пјонгјанг побара запирање на пропагандата со звучници. На крајот тие се согласија за подобрување на нивните односи.
Генералниот секретар на Владата на Јапонија Јошихиде Суга предложи на прес-конференција на ОН да се усвои резолуција со економски санкции против Северна Кореја, кои ќе бидат насочени кон финансиските текови и хуманитарната размена.
Тој не кажал дали всушност Северна Кореја има направено тест на хидрогена бомба, потсетувајќи само дека „во овој момент се изучуваат околностите околу обидите“.
