Јункер: Веднаш ќе има европски одговор на американските санкции
САД сосема безобзирно и еднострано наметнаа нови санкции против Русија кои го таргетираат енергетскиот сектор и може да предизвикаат негативни ефекти и врз европските компании и воопшто економијата на ЕУ. Токму затоа Жан Клод Јункер, претседателот на Европската комисија, посочи дека ЕУ ќе излезе со соодветен одговор за неколку денови.
- Мораме да ги браниме нашите економски интереси дури и против САД. И токму тоа ќе го сториме, подготвени сме. Американскиот Конгрес носејќи ги санкциите против Русија истакна дека ќе се консултира со своите сојузници, ако се уште Европа ја сметаат за свој сојузник, изјави Јункер за германското Еуропастудио.
Санкциите ќе ги попречат проектите за достава на природен гас од Русија кон европските земји со што сериозно се загрозуваат интересите на ЕУ, а може да се искористат за наметнување на американските енергетски компании што исто така е неповолно за Брисел.
Конгресот на САД со двотретинско мнозинство во двата дома и со целосна поддршка и на Републиканците и на Демократите практично му ги врза рацете на Трамп кој не можеше да стави вето на предлог законот за санкции и мораше да го потпише. Тој се пожали дека станува збор за неуставен закон кој ја ограничува моќта на извршната власт да води преговори но, потпишал поради американското национално единство.
Ваквиот потег ги влошува позициите на САД меѓу нивните европски сојузници и може да предизвика глобална трговска војна.
