ЈАВНОСТА СЕ КРЕНА НА НОЗЕ: Пензионер треба да плати казна затоа што „закрпил“ дупка на патот
Пензионер од Италија треба да плати казна затоа што „закрпил“ дупка на патот.
Клаудио Трента кој има 72 години вети дека ќе се бори против казната од скоро 900 евра за санирање на дупка на патот. Тој бил толку фрустриран од неуспехот на локалните власти да ја поправат дупката од 30 сантиметри на пешачки премин во Барласина, мало гратче во Ломбардија, по што решил сам да ја асфалтира.
Поради ова тој доби казна од 882 евра. Во објава на Фејсбук, Трента сподели фотографија од писмото што го добил од полицијата во кое го обвинуваат дека ги прекршил правилата. Тој е казнет за вршење на потенцијално опасна работа на јавен простор без дозвола за тоа. На пензионерот му е наредено да ја врати дупката во првобитната состојба.
„Ако мислат дека сум идиот, грешат. Ме испровоцираа, па сега поднесувам тужба против советот поради негрижа“, изјави тој за Corriere della Sera.
Тврди дека дупката ја пријавил кај локалните власти неколку пати во текот на три месеци.
„Денеска испратив протестна електронска пошта до градското собрание на Барласина. Свесен сум за реалноста во Калабрија и Сицилија, каде улиците се претворени во дупки и ако луѓето не направат нешто сами, се’ ќе пропадне“, напиша еден граѓанин на Фејсбук.
Во дискусијата на социјалните мрежи се вклучи Виторио Сгарби, потсекретар во Министерството за култура.
„Покрај законот за патишта, постои и здрав разум. Здравиот разум требаше да ја наведе локалната полиција да му се заблагодари на овој господин“, нагласи тој.
Kaзната побуди голем медиумски интерес, а граѓаните му даваат поддршка на пензионерот.
