Јапонија пред опасност од рецесија?
Иако Јапонија сеуште не постигнува убедлив економски раст, растат стравувањата дека третата економиска сила во светот може да го забави значајното закрепнување веќе следната година, објави CNBC.
Според економските индикатори, вклучувајќи го и падот на индустриското производство и трошоците на домаќинствата за јуни, се открива кревкоста на обновувањето на националното стопанство.
Индустриското производство падна за 3,3% во јуни во однос на мај, натфрлувајќи ги очекувањата на експертите за намалување од 1,8 отсто. Трошоците на домаќинствата пак отстапија со 2 отсто на месечна основа, останувајќи под прогнозите за раст од 0,7%. Единствени светол зрак се податоците за невработеноста, која се спушти за 0,2 процентни поени до 3,9% - најниското ниво од октомври 2008 година.
„Економијата се подобрува. Сепак, големото прашање е дали економскиот раст на Јапонија ќе успее да продолжи со нагорен тренд по април 2014 година, кога износот на данокот на потрошувачката ќе биде зголемен", рече Такуџи Окубо, главен економист во „Japan Macro“.
Јапонската влада одобри зголемување на данокот на потрошувачката на стоки и услуги и до 8% во април следната година во однос на сегашните 5 отсто. Стапката ќе се зголеми уште еднаш - до 10 проценти, во 2015 година. Реформата е дел од големиот план на премиерот Шинѕо Абе, познат кој има за цел да ја подобри економската состојба на земјата.
Окубо вели дека дури и јапонската влада да подготви пакет стимулации, тоа ќе биде недоволно за да се спротивстави на последиците од затегнувањето на финансиската дисциплина.
„Приватните инвестиции почнуваат да се подобруваат, но не сметам дека се доволно силни за да ја спасат економијата. Растот на извозот нуди некаква надеж, но со оглед на тековниот песимизам во Кина и Европа, не мислам дека е реално да се потпираме на тоа дека извозот ќе доживее бум", додаде тој.
Пред неколу дена и гувернерот на Јапонската централна банка Харухико Курода го поддржа зголемувањето на данокот на потрошувачката, истакнувајќи дека мерката нема да наштети на економијата и е еден од потребните елементи за подобрување на јавните финансии.
Слично
