Економија, финансии, бизнис

Контакт

Јанукович отповикан – избори на 25 мај – Тимошенко е на слобода

Јанукович отповикан – избори на 25 мај – Тимошенко е на слобода
Со 328 гласови „за“ од вкупно 447 пратеници украинскиот парламент изгласа отповикување на претседателот Виктор Јанукович и распиша парламентарни избори на 25 мај. Отповикувањето на Јанукович е реализирано поради тоа што тој „противуставно ги запоставил уставните ингеренции и е неспособен да ги извршува задачите“. Врховната рада пред расправата за Јанукович го прогласи за сепаратист и нареди апсење на гувернерот Михаил Добкин, кој денеска го оспори легитимитетот на одлуките во Киев. Сите административни згради во Киев се под контрола на демонстрантите, а законите кои се изгласани во Парламентот се без потпис на претседателот Јанукович. Претходно, украинската армија соопшти дека на ниту еден начин нема да се меша во политичкиот конфликт во земјата. - Армијата останува верна на украинскиот народ, се наведува во соопштението од украинското Министерство за одбрана. Јанукович, во интервју за локална телевизиска станица во Харков, истакна дека нема да поднесе оставка и оти не заминува од земјата. Тој посочи дека мора да го „заштити народот“ и дека „нема да ги штеди напорите за да стави крај на крвопролевањето“. - Тоа што се случува во Украина првенствено може да се опише како вандализам, бандитизам и државен удар, посочи Јанукович, додавајќи оти ситуацијата потсетува на воздигнување на нацизмот во 30-тите години од минатиот век. Во меѓувреме, поранешната украинска премиерка Јулија Тимошенко е ослободена од затвор, јави ИТАР-ТАСС. Таа ја напушти клиниката во Харков каде се лекуваше, откако украинскиот парламент вчера изгласа измени во кривичниот закон, со кои се дозволува ослободување на Тимошенко. Таа во 2011 година беше осудена на седумгодишна казна затвор поради злоупотреба на службената должност. За Западот процесот против неа беше политички мотивиран. Тимошенко од Харков замина за Киев. Таа изјави дека планира да се кандидира на претседателските избори.
Слично

Поврзани вести