Јанукович избега во Русија и од таму им се извини на Украинците!
Разрешениот украински претседател Виктор Јанукович се појави во јавност на пресконференција во рускиот град Ростов на Дон. Не е познато кога и како Јанукович успеал да се префрли од последната локација на која беше забележан во Украина, Крим, до рускиот град.
Пресконференцијата беше бурна, а разрешениот украински претседател неколкупати влезе во жестока полемика со новинарите. На новинарско прашање: „Дали се срамите?“, Јанукович најпрвин одговори остро: „Јас да се срамам?“
Но, веднаш потоа упати извинување.
„Би сакал да им се извинам на Украинците за она што се случи во Украина, што немав доволно сила да ја одржам стабилноста и што дозволив да се случи хаос. Сакам да им се извинам и на припадниците на специјалната полициска единица Беркут, на нив пукаа, ги убиваа, па им се извинувам на сите тие храбри луѓе - тие се невини“, рече Јанукович.На прашањето дали ќе учествува на претседателските избори во мај, Јанукович вели дека се подготвува за избори во 2015 година и дека ќе направи се за да ги увери Украинците дека е најдобро земјата пак да биде стабилна.
„Поседувам доклументи кои докажуваат дека јас сеуште сум законит претседател. Ако претседателот не даде оставка според Уставот и ако се уште е жив, и ако парламентот не го отповикал, тој уште е претседател. Примена на сила не може да биде отповикување. Тоа не го прифаќам“, вели Јанукович.Тој ја коментираше и поранешната премиерка Јулија Тимошенко која во меѓувреме излезе од затвор, тврдејќи дека тој никогаш не и посакувал лошо, но договорот што го потпишала со Русија додека била на власт и нанел големи финансиски загуби на Украина. Во меѓувреме, ситуацијата во Украина од час во час драматично се влошува. Откако непознати вооружени лица во текот на ноќта ги зазедоа двата аеродроми на Крим, украинскиот Парламент изгласа резолуција со која на итни консултации ги повикува САД и Велика Британија како гаранти на украинскиот суверенитет. Имено, САД, Велика Британија и Русија со Меморандумот од Будимпешта, потпишан во 1994 година се обврзаа да ја гарантираат независноста на Украина, а Киев за возврат се откажа од нуклеарното оружје. Исто така, привремениот украински претседател Олександар Турчинов свика седница на Националниот совет за безбедност и одбрана. Според него, вооружените мажи кои ги зазедоа под контрола и зградите на парламентот и владата на Крим се „вооружени терористи кои делуваат под знамето на Русија“. Украинскиот парламент побара и од Советот за безбедност на ОН да закаже итна седница на која ќе се расправа за кризата во Украина. Парламентот во Киев се обрати и до официјална Москва со барање да престане со потезите кои би можеле „да го загрозат националниот суверенитет и територијалниот интегритет на Украина“, како и да се „воздржи од поддршка на сепаратизмот во Украина, во кој било облик“. Русија демантира дека вооружените лица кои ги заземаат јавните институции и аеродромите на Крим се припадници на руската Црноморска флота, која има база во Севастопол.
Слично
