Ја пиел урината за да преживее – добил отштета од 4 милиони долари
Студентот на универзитетот во Калифорнија Дениел Чонг откако минал четири дена во затвор во Сан Диего, каде што пиел урина за да преживее, добил над четири милиони долари отштета од владата на САД, јавува Би-би-си.
Дениел Чонг бил еден од деветте лица приведени во 2012 година за време на претресите спроведени од Агенцијата за сузбивање на дрогата (ДЕА), но по испрашувањето властите решиле дека нема да поднесат обвинение против него.
Чонг го вратиле во ќелија и му кажале дека „ќе дојдат по него за една минута“. Тој кажал дека мисли дека по грешка го заборавиле во ќелијата, каде што по четири дена го пронашле прекриен со фекалии. Тој се обидел на раката да вреже порака за својата мајка, а ќелијата во која се наоѓал немала ниту прозорци.
По излегувањето од притворот, Чонг бил уште четири дена на интензивна нега поради сериозно нарушување на здравјето. Агенцијата се извини за инцидентот, признавајќи дека Чонг случајно бил оставен во ќелијата. Во судскиот процес студентот бараше отштета од 20 милиони долари.
