ЈА МЕНУВА ТАКТИКАТА: Еве што ќе им предложи Зеленски на Американците
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе ја смени тактиката во преговорите со САД. Украина ќе се обиде да ги убеди САД да ја вратат воената и разузнавачката поддршка во клучните билатерални разговори оваа недела настојувајќи да го придобијат Доналд Трамп со тоа што ќе покажат дека Володимир Зеленски сака брз крај на војната со Русија, пишува „Фајненшл тајмс“.
Украински функционер рече дека Киев ќе даде приоритет на поправка на односите со САД на краток рок, а двајца европски претставници истакнаа дека Украина гледа напредок во разговорите за прекин на огнот како услов за продолжување на воената и разузнавачката помош.
„Целта на какви било преговори меѓу украинските и американските власти во Саудиска Арабија ќе биде, меѓу другото, договор за продолжување на помошта“, рече Федир Вениславски, пратеник од партијата на Зеленски и член на парламентарната комисија за национална безбедност, кон крајот на минатата недела.
Американскиот државен секретар, Марко Рубио, ќе остане во саудискиот град Џеда до среда, каде што ќе учествува во преговорите со цел „да се постигне напредок кон ставање крај на војната меѓу Русија и Украина“, изјави портпаролот на Стејт департментот.
Зеленски денеска пристигна во градот Џеда во Саудиска Арабија, јавија светските агенции, повикувајќи се на официјален украински претставник.
„Украина сака мир, а Русија е „единствената причина поради која војната продолжува“, напиша Зеленски на Телеграм пред потенцијално клучните разговори со претставници на САД во Саудиска Арабија.
Украинската делегација ќе ја предводи Андриј Јермак.
Се очекува и Зеленски да се сретне со принцот престолонаследник Мухамед Бин Салман.
Претходната средба помеѓу Трамп и Зеленски во Вашингтон заврши со кавга. Руската инвазија на Украина почна на 24 февруари во 2022 година. фото: EPA-EFE/GOVERNMENT INFORMATION SERVICE