Извадена и втората црна кутија од дното на Јаванското море
Нуркачките екипи денеска успеаа да ја пронајдат и извадат и втората црна кутија од срушениот авион на компанијата „Ер Азија“ од дното на Јаванското море со што на експертите ќе им се даде можност да ги „спојат коцките“ за да откријат која е причината за падот на леталото.
Црната кутија била ослободена од остатокот на авионското крило кое се наоѓало на длабочина од 32 метри во Јаванското море, недалеку од првата црна кутија која ги забележува податоците на летот.
Кутијата била извадена и префрлена на брод на индонезиската морнарица, потврдил координаторот на операцијата на Народната агенција за потрага и спасување, Сурјади Бамбанг Супријади, и додал дека таа во текот на денешниот ден ќе биде однесена во Џакарта.
Инструментот во Џакарта ќе биде обработен, ќе биде извадена датотеката, а потоа заедно со информациите од другата црна кутија ќе бидат анализирани. На двете црни кутии треба да има двочасовен материјал со комплетниот разговор помеѓу капетанот на авионот и копилотот во кокпитот.
„Ова се добри вести за истражните органи кои ќе ја откријат причината за падот на леталото“, рекол директорот за навигација и пловидба на индонезиското министерство за транспорт, Тони Будионо, пренесува агенцијата „АП“.
Авионот на компанијата „Ер Азија“ исчезна од радарите на летот QZ8501 во 42 та минута од своето патување кон Сингапур и во смрт однесе 162 патници и членови на екипажот, од кои, до сега, пронајдени се 48 тела.
Слично
