ИЗРАЕЛСКИ ФУНКЦИОНЕР: Ајатолахот е мртов, пронајдено е телото
Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Хамнеи, е мртов и неговото тело е пронајдено, изјави за Ројтерс висок израелски функционер. Високи израелски функционери изјавија за неколку медиуми дека ајатолахот е мртов, но нема официјална потврда од Иран. Според израелските медиуми, неговото тело е пронајдено во урнатините на палата.
Израелскиот Канал 12, исто така, објави дека на премиерот Бенјамин Нетанјаху наводно му била презентирана документација за телото на Хамнеи. И покрај овие тврдења што доаѓаат од Израел, нема официјална реакција или потврда од Техеран за судбината на врховниот лидер.
Иранската новинска агенција Тасним утрово објави дека седум ракети погодиле област во близина на претседателската палата и комплексот на врховниот лидер во Техеран. Сателитските снимки открија дека резиденцијата на ајатолахот е целосно уништена во нападот.
