ИЗРАЕЛЦИТЕ АПСЕА ВО ГЛАВНАТА БОЛНИЦА ВО ГАЗА: Ги испрашувале директорот и лекарите
Калид Абу Самра кој работи во болницата во Газа потврди дека таму имало апсења. Израелските сили го уапсиле директорот на болницата „Ал Шифа“, како и неколку лекари.
Вели дека Мохамед Абу Салми, директорот на најголемата болница во Газа го уапсиле и го испрашувале членови на разузнавачката служба Шин Бет и израелската армија (ИДФ), објави „Тајмс оф Израел“. Израелското воено радио објави дека Абу Салми бил приведен додека се движел да се евакуира кон југот на Појасот Газа. Израелските одбранбени сили (ИДФ) велат дека многубројните сведоштва покажале дека под негово директно управување локацијата служела како команден центар за Хамас.
Одлуката за продолжување на притворот на Абу-Салми ќе биде донесена во согласност со наодите на истрагата, пренесе „Хаарец“. Во соопштението се тврди дека Хамас користел многу ресурси, вклучително и електрична енергија, за да го зајакне системот на тунели што го изградил под болницата и да складира оружје и борбена опрема во и околу болницата.
По терористичкиот напад на 7 октомври, Хамас ја користел болницата како засолниште за своите милитанти, па дури и носел израелски затвореници таму.
Претставник на Министерството за здравство на Газа денеска изјави дека Израел наредил евакуација на персоналот на индонезиската болница во северниот дел на Појасот Газа, пренесува „Тајмс оф Израел“.
Д-р Мунир ал-Бурш рече дека болницата се обидува да организира 200 автобуси за транспорт на пациенти, вклучително и постари луѓе и деца со изгореници.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го нарече правилна одлука договорот со Хамас за времен прекин на огнот со цел ослободување на некои од израелските заложници и ослободување на одреден број Палестинци од израелските затвори.
