ИЗРАЕЛ: СПРЕМНИ СМЕ ЗА ВОЈНА - ХАМАС: Ги гаѓавме со 5.000 ракети
Утрово десетици ракети беа истрелани од Појасот Газа кон Израел. Службите за итни случаи соопштија дека во нападот една жена загинала, а уште две се повредени. Исламистичката група Хамас ја презеде одговорноста за нападот.
Портпаролот на израелската армија изјави дека Палестинците истрелале 2.500 ракети врз Израел.
Израелските одбранбени сили соопштија дека гаѓале цели на Хамас во Газа како одговор на денешните напади врз Израел.
За време на денешните напади, според две болници, ширум Израел се повредени најмалку 100 луѓе. Околу 80 лица со различен степен на повреди се пренесени во Медицинскиот центар Сорока. Медицинскиот центар Каплан во Реховот објави дека лекува најмалку 21 ранет; меѓу кои две лица во тешка состојба. Некои од повредените се со прострелни рани, а други со повреди од шрапнели, соопштија од Медицинскиот центар Каплан.
Хамас најави почеток на воена операција против Израел
Израелската армија соопшти дека е подготвена за војна, а Хамас најави почеток на воена операција против Израел, јавуваат светските агенции. Исламистичкото движење Хамас денеска го изврши најголемиот напад врз Израел во последните години, отворајќи жесток ракетен истрел од Појасот Газа, додека вооружените напаѓачи ја преминаа границата.
Додека се слушаа предупредувачки сирени низ јужен и централен Израел, вклучувајќи го и Ерусалим, израелската војска соопшти дека е подготвена за војна, а премиерот Бенјамин Нетанјаху свика итен состанок на безбедносните службеници. Инцидентот е најсериозен откако Израел и Хамас водеа 10-дневна војна во 2021 година, при што израелските медиуми известуваат за вооружени судири меѓу палестинските милитантни групи и безбедносните сили во јужните израелски градови.
Воениот командант на Хамас Мохамад Деиф најави почеток на „воена операција“ против Израел, повикувајќи ги Палестинците насекаде да се борат. „Ова е денот на најголемата битка за ставање крај на последната окупација на земјата“, рече тој, додавајќи дека биле истрелани 5.000 ракети.
Според службите за итни случаи, во ракетните напади загинала една Израелка, а 15 се повредени. Израелската војска соопшти дека нејзините сили дејствуваат во Газа, но не наведе детали. Палестинските медиуми објавија дека голем број Израелци биле заробени од борци, а медиумите на Хамас објавија видео на кое очигледно се гледа уништен израелски тенк.
Министерот за одбрана Јоав Галант одобри мобилизација на резервисти и прогласи „специјална безбедносна операција“ во радиус до 80 километри од Појасот Газа за да може израелската армија подобро да ги заштити цивилите.
Во Газа можеше да се слушне татнеж од ракетни истрели, а жителите известија за вооружени судири долж разделната ограда со Израел, во близина на јужниот град Кан Јунис, и рекоа дека забележале значително движење на вооружени борци. Израелската служба за итни случаи соопшти дека тимови биле испратени во области во јужен Израел во близина на Газа.
