„Израел се подготвува за долготрајна војна“: Ројтерс за потезите и акциите против Хезболах
Додека САД и Иран се обидуваат да зацврстат примирје, Израел зазема повеќе територија од своите соседи како подготовка за долготрајна и исцрпувачка војна на Блискиот Исток. Создавањето на таканаречените тампон зони во Газа, Сирија, а сега и во Либан одразува стратешка промена по нападот од 7 октомври 2023 година, промена што ја става земјата во постојана борбена готовност, изјавија за Ројтерс шест израелски воени и одбранбени претставници.
Овој пристап е исто така признание за реалноста за која официјалните лица велат дека станува сè поочигледна по две и пол години конфликт: религиозното раководство на Иран, либанскиот Хезболах, Хамас во Газа и другите милитантни групи низ регионот не можат целосно да се елиминираат.
Акции против Хезболах
„Израелските лидери заклучија дека се во вечна војна против противник кој треба да се заплаши, па дури и да се смачка“, рече Натан Браун од Карнеги фондацијата за меѓународен мир.
Соединетите Американски Држави и Иран во средата се согласија на прекин на огнот додека преговараат за посеопфатен крај на војната што избувна на 28 февруари. Израел се согласи да ги запре нападите врз Иран, но изјави дека нема да ги запре своите операции против Хезболах, кој е поддржан од Иран.
Хезболах влезе во војната на 2 март со испукување ракети кон Израел, кој потоа започна копнена инвазија на јужен Либан за да воспостави тампон зона до реката Литани. Областа е широк појас што покрива околу 8 проценти од територијата на Либан.
Израел нареди евакуација на стотици илјади жители и започна со уривање на домовите во шиитските села за кои верува дека Хезболах ги користи за складирање оружје или извршување напади.
Куќи како воени позиции
Висок воен функционер, кој зборуваше под услов да остане анонимен за да разговара за безбедносните прашања, рече дека целта е да се „исчисти“ областа во рамките на 5 до 10 километри од границата. Ова би ги ставило израелските гранични градови надвор од дометот на ракетните фрлачи на Хезболах.
Во некои либански села во близина на границата, израелските сили пронајдоа докази дека речиси 90 проценти од куќите содржат оружје или опрема поврзана со Хезболах, рече функционерот, обајви Ројтерс.
Ова значи дека овие куќи се сметаат за непријателски воени позиции што треба да се уништат, додаде тој, истакнувајќи дека многу села во јужен Либан се наоѓаат на високи места, со директен поглед на израелските градови или воени позиции.
Употребата на тампон зони претставува нова безбедносна доктрина дека „граничните заедници не можат да се бранат од самата граница“, според Асаф Орион, пензиониран израелски бригаден генерал и поранешен началник на воената стратегија. „Израел повеќе не чека да се случи напад“, додаде тој. „Ја гледа заканата како што се појавува и ја напаѓа превентивно“.
Тампон зона
По обезбедувањето тампон зона против Хезболах, Израел ќе држи или ќе окупира територија во Либан, Сирија, Западниот Брег и Појасот Газа, каде што сè уште контролира повеќе од половина од територијата по октомвриското примирје со Хамас.
„Во Газа, повеќе од половина од територијата на Појасот. Во Сирија, од врвот на планината Хермон до реката Јармук. Во Либан, огромна тампон зона што ја спречува заканата од инвазија и го држи противтенковскиот оган на безбедно растојание од нашите заедници“.
Планот за тампон-зона во Либан сè уште не е презентиран на кабинетот на Нетанјаху, според еден член на кабинетот и двајца функционери. Израелската војска упати прашања за тампон-зоните до канцеларијата на Нетанјаху, која не одговори веднаш на барањето за коментар.
Министерот за одбрана се заколнува дека ќе ги урива селата
Израел долго време држи територија надвор од своите граници, вклучувајќи ги окупираните Западен Брег и Газа, како и Голанската Висорамнина во јужна Сирија, територии освоени во регионалната војна во 1967 година. Израел подоцна ги анектираше Голанските Висорамнини во 1981 година.
Стотици илјади израелски доселеници сега живеат на Западниот Брег меѓу околу 3 милиони Палестинци, кои ја гледаат областа како срце на нивната идна држава.
За многу раселени Либанци и Палестинци, окупацијата на нивната земја од страна на Израел и уништувањето на селата претставува понатамошно територијално проширување, толкување поттикнато од реториката на некои крајно десничарски членови на кабинетот на Нетанјаху.
Безалел Смотрич, министерот за финансии на Нетанјаху, во март изјави дека Израел треба да ја прошири својата граница до реката Литани. Тој даде слични коментари за Газа, велејќи дека територијата треба да биде анектирана и населена од Израелци.
Копнени сили
Сепак, друг израелски воен функционер, кој исто така зборуваше под услов на анонимност, рече дека реката Литани нема да ја означува новата граница. Наместо тоа, тампон-зоната ќе биде следена од копнени сили кои ќе вршат упади по потреба, без нужно да држат постојани позиции покрај реката.
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац го спореди уништувањето во јужен Либан со политиката на изгорена земја што се користи против Хамас во Газа, што доведе до раселување на цели градови.
„Граничните села, кои во секој поглед служат како пунктови на Хезболах, ќе бидат уништени, по примерот на Рафа и Кан Јунис во Газа, со цел да се елиминира заканата за израелските градови“, рече тој на 31 март.
Еран Шамир-Борер, експерт за меѓународно право во Израелскиот институт за демократија, рече дека уништувањето на цивилниот имот е генерално нелегално, со исклучоци што вклучуваат употреба на имот за воени цели. „Масовното уништување на домовите во јужен Либан што не се базира на индивидуална проценка би било нелегално“, додаде тој.
Израелците се сомничави
Преференцијата на израелските лидери за стратегија за тампон зона доаѓа по децении неуспешни обиди за постигнување долгорочни мировни договори со Палестинците, Либан и Сирија.
Анкета на Институтот за студии за национална безбедност со седиште во Тел Авив покажа дека само 26 проценти од Израелците веруваат дека октомвриското примирје во Газа ќе донесе години мир. Повеќето очекуваа брзо продолжување на борбите.
Офер Шелах, директор на истражувачката програма во институтот, рече дека во отсуство на мировен договор со Либан, постоењето на тампон-зона на север би ја спречило заканата од напад или копнена инвазија од страна на силите на Хезболах.
Но, тој предупреди дека зголемениот број војници потребни за патролирање на бојните полиња низ Либан, Газа, Сирија и окупираниот Западен Брег на крајот ќе претставува голем товар за војската. „На крајот на краиштата, би било подобро да се вратиме на меѓународната граница и да одржуваме мобилна, активна одбрана од другата страна на границата, без постојани предни позиции“, заклучи Шелах.
Фото: freepik.com