ИЗРАЕЛ НЕМА ДА ЗАПРЕ ДОДЕКА НЕ ПОБЕДИ: Нетанјаху ги пофали своите војници велејќи дека дење и ноќе убиваат терористи во Газа
Не го ескалирајте конфликтот, може скапо да ве чини, им порача израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на Хезболах.
Нетанјаху денеска изјави дека отфрла каков било привремен прекин на огнот во војната против палестинската терористичка група Хамас што не вклучува ослободување на сите заложници.
„Израел отфрла привремен прекин на огнот кој не вклучува ослободување на нашите заложници. Израел нема да дозволи гориво да влезе во Газа и се противи на испраќање пари во Појасот Газа“, рече Нетанјаху во телевизиско обраќање, пренесува Тајмс оф Израел, пренесува Танјуг.
Тој кажа дека Израел нема да запре додека не победи.
„Ќе го уништиме Хамас, ќе ги вратиме заложниците и ќе ја обезбедиме безбедноста на нашите граѓани и деца“, додаде Нетанјаху.
Израелскиот премиер ги пофали израелските војници, велејќи дека тие „убиваат терористи во Газа дење и ноќе“, со тесна соработка на копнените и воздушните сили на израелската армија (ИДФ).
Тој ги предупреди непријателите на Израел на север (Хезболах) да не го ескалираат конфликтот бидејќи тоа ќе биде „скапа грешка“.
Лидерот на Хезболах, Хасан Насрала оддаде почит кон либанските и палестинските „маченици“, а ја изрази и благодарноста до оние во Јемен и Ирак „кои учествуваа во оваа битка“. Според него „битката продолжува“.
Тој вели дека САД се одговорни за војната во Газа, а дека Израел е само извршна алатка.
