ИЗРАЕЛ ГО ОТФРЛИ ПОВИКОТ ЗА ПРЕКИН НА ВОЈНАТА ВО ГАЗА - имаме намера да го елиминираме Хамас
Израел го отфрла повикот за прекин на огнот, изјави израелскиот министер за надворешни работи Ели Коен, откако Генералното собрание на Обединетите нации усвои резолуција со која се повикува на воспоставување „хуманитарен прекин на огнот“.
– Израел има намера да го елиминира Хамас исто како што светот дејствуваше против нацистите и ИСИС – рече Коен, пренесува Ynet.
Израелските и палестинските медиуми јавуваат дека борбите се во тек во Појасот Газа, откако израелската армија навлегла во областа.
Министрите за одбрана на САД и Израел, Лојд Остин и Јоав Галант телефонски разговарале за израелските воени операции во Појасот Газа, соопшти Пентагон.
Лојд Остин ја нагласи „важноста од заштита на цивилите за време на операциите на израелските одбранбени сили и фокусирање на итноста за испорака на хуманитарна помош до цивилите во Газа“, се вели во соопштението, пренесува Тајмс оф Израел.
Се додава дека Остин ја нагласил и потребата Хамас да ги ослободи сите заложници.
