ИЗМАМНИЦИ СТАВААТ СЛИКИ ОД ПОЧИНАТИ ДЕЦА И СОБИРААТ ПАРИ ОД ЛУЃЕ КОИ ДОНИРААТ: Собрале скоро 480.000 евра, до каде може да се отиде?
Измамници користат фотографии од болни и починати деца за да собираат донации од хумани граѓани. Лажни хуманитарни кампањи се појавија во неколку европски земји, меѓу кои и Хрватска.
„Состојбата на Алекс брзо се влоши. Третманите се многу брутални, оставајќи го слаб, едвај може да оди. Вреска од болка, а неговото мало тело гори од треска. Како мајка треба да го заштитам, но се чувствувам беспомошно. Неговите повици за помош ме прогонуваат деноноќно, пишува во еден сатус на кој има и фотографија од момчето во болница.
Момчето од фотографиите е починато
Линкот во статусот оди на страница за собирање средства со текст наводно напишан од мајката на момчето. Текстот е преведен со помош на алатката Google Translate и истиот текст е објавен на други јазици. Во текстот не е наведен идентитетот на мајката.
Наводното хуманитарно здружение тврди дека е регистрирано во Њујорк. На адресата што ја даваат има станбена зграда. Здружението има адреса и во Лондон, исто така во станбена зграда. На веб-страница е наведено дека целта на здружението е промоција на православниот јудаизам, како и спречување на сиромаштијата и помош на економски загрозените лица. Последниот извештај беше поднесен во 2022 година, што може да сугерира дека здружението повеќе не е активно.
Идентични кампањи беа објавени и на други јазици, еден од нив беше бугарски. Тамошните медиуми објавија дека во кампањата „Алекс – секогаш силен“ користени се фотографии од момче кое боледувало од тумор и починало.
Украдени фотографии од болно девојче од Украина
Во Бугарија се појави друга верзија на оваа измама со наслов: „Софија мора да преживее“.
Софија постои. Станува збор за девојка од Украина, за која е покрената хуманитарна акција во Полска. Фотографиите на девојчето се украдени, а нејзината приказна е преведена на повеќе јазици, меѓу кои и на бугарски.
„Овие средства сигурно не стигнуваат до Софија. Семејството потврди дека собира пари само преку полската кампања“, изјави Павел Андреев, основач на PavelAndreev.BG, бугарска платформа за собирање средства.
Бугарската кампања за Софија е отстранета од Фејсбук, а не ја најдовме нејзината хрватска верзија. Бугарските медиуми јавуваат дека се појавила уште една - онаа за болното девојче Ана.
Павел Андреев за бугарската ТВ Нова изјави дека измамниците се наоѓаат во земји од третиот свет кои не соработуваат во откривањето на измамите.
Тврдат дека собрале 474.239 евра
На страницата за собирање донации е наведено дека повеќе од 14.000 луѓе донирале 474.239 евра. Целта им е да соберат 595.208 евра.
Прикажани се и наводни донации, дел од коментарите се на хрватски. Не може да се потврди дали се работи за вистински донации.
Сторијата ја објави и бугарскиот портал TrafficNews, кој наведува дека ги контактирале читатели кои биле блокирани откако во коментарите напишале дека се работи за лажна кампања.
фото: Screenshot