Изиџет трие раце: Штрајкот во Ер Франс му донесе дополнителна добивка од пет милиони фунти!
Нискобуџетната авиокомпанија Изиџет годинава очекува да заработи добивка од околу 580 милиони фунти пред оданочување. Оваа пресметка е за финансиската година која истече на 30 септември. Податоците покажуваат подобрување во споредба со очекувањата на крајот на јули, кога компанијата се надеваше на добивка меѓу 545 и 570 милиони фунти.
Подобрите финансиски резултати од очекуваните делумно се должат и на септемврискиот штрајк на пилотите во францускиот национален превозник Ер Франс. Двонеделниот прекин во работата на француската авиокомпанија на Изиџет му донесе дополнителен профит од околу пет милиони фунти.
Се предвидува 40% од добивката остварена годинава да биде исплатена како дивиденда за акционерите.
„Изиџет продолжува да ја исполнува својата стратегија, реализирајќи силни активности во втората половина од годината. Ова ни овозможи да стигнеме до рекордна добивка веќе четврта година по ред. Тоа ќе резултира и со највисока исплатена дивиденда во историјата на компанијата“, вели извршната директорка Керолин МекКол.
Пилотите на Ер Франс штрајкуваат заради плановите на нивната компанија повеќе да инвестира во нискобуџетната фирма-ќерка Трансавиа, која треба да им конкурира на евтините авиопревозници како Изиџет.
Слично
