„ИТНО ЗАМИНУВАЈТЕ ОД БЕЛОРУСИЈА“: САД ги повика американските граѓани веднаш да ја напуштат
Американската
амбасада во Минск им порача на американските граѓани во Белорусија „веднаш да
заминат“, а оние кои сакаат да патуваат во таа земја да не го прават тоа.
„Не патувајте во Белорусија, бидејќи властите на Белорусија континуирано го поддржуваат рускиот неиспровоциран напад врз Украина“, објави американската амбасада во Минск на својата веб-страница.
Други причини да не се патува во оваа поранешна советска република и сојузник на Русија вклучуваат „зголемување на руски воени сили во Белорусија, произволно спроведување на локалните закони, можно граѓанско востание, ризик од притвор и ограничена способност на амбасадата да помогне Американски државјани кои живеат во Белорусија или патуваат во неа“.
„Американските граѓани во Белорусија треба веднаш да заминат. Преминете преку преостанатите отворени гранични премини со Литванија и Латвија, или патувајте со авион“, се додава во соопштението, во кое се истакнува дека „на американските граѓани не им е дозволен влез во Полска по копнен пат преку Белорусија“.
Причината за ваков повик на американската амбасада во Минск е тоа што владата на Литванија пред три дена затвори два гранични премини со Белорусија.
Амбасадата истакна дека се уште се отворени четири гранични премини, но дека „владите на Полска, Литванија и Летонија укажаа на можноста повеќе гранични премини (со Белорусија) да бидат затворени“.
