Италија е нов претседавач со ЕУ – што велат економските бројки?
Италија од денеска и официјално го презеде претседателството со Европската унија. По тој повод, Евростат објави повеќе клучни статистички параметри за оваа земја, кои го покажуваат придонесот на италијанската економија во европската.
Бруто-домашниот производ во Италија по глава на жител во 2013 година е 25.600 евра што е за 100 евра пониско од просекот во 28-те земји-членки на Унијата. Во мај годинава, инфлацијата во Италија била 0.4%, што е пониско од просечната инфлација од 0.6% во ЕУ.
Трошоците за работен час во Италија изнесуваат 28.1 евро и се повисоки од просечните во ЕУ. Дефицитот на италијанскиот буџет е 3% од БДП, нешто пониско од европскиот просек, но земјата е високо задолжена со вкупен долг од дури 132.6% од БДП.
Стапката на невработеност во земјата изнесувала 12.6% проценти во април годинава и е нешто повисока од просекот во ЕУ (10.4%). Италијанците во просек живеат подолго (82.4 години) од просечниот животен век на жителите на сите земји-членки на Унијата. Вкупно 21.2% од италијанската популација се лица над 65 години.
Во однос на енергијата, Италија е високо зависна од увоз на енергија - 80.8% од енергетските потреби покрива на овој начин, наспроти просекот во ЕУ кој изнесува 53.4%. Еве и некои други податоци:
Слично
