ИСЛАНД ТОНЕ: Лава под куќите, сѐ поголема веројатност за ерупција
Сеизмичката активност и подземните текови на лава се интензивираа во изминатите неколку дена на полуостровот Рејкјанес, во близина на главниот град на Исланд, Рејкјавик, што ги натера властите да евакуираат речиси 4.000 луѓе од рибарскиот град Гриндавик каде делови од градот тонат, куќите се под лава и таму е голема веројатноста дека ќе се случи вулканска ерупција.
Според исландскиот сеизмолошки центар, во последните 24 часа се регистрирани околу 200 земјотреси и се уште постои голема можност за ерупција на вулкан.
Во најновото соопштение се наведува дека изворот на ерупцијата најверојатно се наоѓа северно од градот Гриндавик, во близина на планината Хагафел.
-Во последните 24 часа се регистрирани вкупно околу 2.000 земјотреси. Повеќето од нив се мали земјотреси под еден степен, но утрово е измерен земјотрес во Хагафел со јачина од 3 степени, соопшти исландскиот сеизмолошки центар, пренесува Index.hr.
Еден од евакуираните жители на Гриндавик изјави за Ројтерс дека со денови не спие добро и постојано ги проверува вестите дали ерупцијата започнала, но дека се надева дека и покрај се ќе може да се врати дома.
Локалниот полицаец Стефан Велемир изјави дека во Гриндавик немало жители и дека некои куќи се веќе целосно оштетени бидејќи земјотресите создале големи пукнатини на градските улици и од нив излегувала пареа.
Велемир изјави дека по едно лице од секое домаќинство по пет минути дневно оди да ги земе потребните работи од куќите.
Една жителка рече дека морала да чека во ред пет часа за да се врати во градот за да ги собере работите од нејзиниот дом во црвената зона, област која се смета за најопасна и најблиску до местото каде што се очекува ерупција.
Таа истакна дека лавата е под нејзината куќа, која моментално е во добра состојба, но изјави дека тлото недалеку од куќата потонало за околу 90 сантиметри.
