Исламска држава: Ќе докажеме „кога сакаме“ дека ние го урнавме рускиот авион
Џихадиската група „Исламска држава“, која ја презеде одговорноста за несреќата на рускиот авион во Египет во саботата, изјави дека не е обврзана да обезбедува докази и дека ќе го направи тоа „кога ќе сака“, соопштува „Франс прес“.
„Не сме должни да објаснуваме како се урна рускиот авион“, изјавил член на „Исламска држава“ во аудио порака, објавена на својата групата на „Твитер“.
Египетската филијала на „Исламска држава“ - од групата на „Провинцијата Синај“, објави во саботата на „Твитер“ дека го предизвикала падот на авионот „Ербас“ А321-200 на руската чартер компанија. Авионот се урна во пустината Синај, бастион на „Исламска држава“, откако се распаднал во воздух 23 минути по полетувањето од египетското летувалиште на Црвеното Море, Шарм ел Шеик. Загинаа сите 224 патници и членови на екипажот.
Истрагата се обидува да утврди дали несреќата е несреќен случај или се должи на експлозија на експлозивна направа во авионот.
„Соберете си ги остатоците и разгледајте низ нив, однесете ги црните кутии и анализирајте ги, и кажете ни ги резултатите од вашата истрага“, се додава од неименуваниот член на „Исламска држава“. „Докажете дека ние не сме го урнале и како навистина е паднат, а ние ќе ви ги објавиме деталите за начинот на кој падна во избран момент од наша страна“, додава тој.
