Иран одговори на конечниот предлог на нуклеарниот договор со светските сили
Иран денеска објави дека испратил писмен одговор на обновувањето на нуклеарниот договор со светските сили, пренесува АП.
Иранската државна новинска агенција ИРНА не ја објасни содржината на одговорот, но посочи дека Техеран сè уште не го прифаќа предлогот посредуван од ЕУ, и покрај предупредувањата дека нема да има повеќе преговори.
Разлики постојат во три прашања, каде што САД покажаа вербална флексибилност, но тоа треба да биде вклучено во текстот. Третото прашање се однесува на гарантирање на продолжување на договорот, што зависи од прифаќањето на реалната ситуација од страна на Вашингтон, се наведува во извештајот на агенцијата ИРНА.
Властите во Техеран со претседателот Ебрахим Раиси постојано се обидуваа да го обвинат Вашингтон за одложувањето на постигнувањето договор, а исто така рекоа дека понеделник е краен рок за одговор на САД, според АП.
Немаше потврда од ЕУ дека Иран го доставил својот одговор, а портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс рече дека САД ќе го споделат својот одговор со ЕУ.
Се согласуваме со основниот став на ЕУ, а тоа е дека е договорено она за што можело да се преговара, рече Прајс.
Тој додаде дека Иран поставува неприфатливи барања кои го надминуваат текстот на нуклеарниот договор од 2015 година, според кој Иран значително го ограничи збогатувањето ураниум во замена за укинување на економските санкции.
„Ако Иран сака да се укинат овие санкции, ќе мора суштински да го промени своето однесување. Тој мора да престане со опасните активности што доведоа до овие санкции“, нагласи претставникот на Стејт департментот.
ЕУ, како координатор на иранските нуклеарни преговори со светските сили, минатата недела објави дека го претставила „конечниот текст“ на договорот по четиридневни индиректни разговори меѓу американските и иранските претставници во Виена.
