Ирак урива рекорди со извозот на нафта
Производството на нафта во Ирак овој февруари достигна 3,5 милиони барели на ден, а извозот скокнал до 2,8 милиони барели дневно. Со овие бројки, Ирак го собори рекордот во извоз на „црно злато“, кој важеше цели две децении.
Последен пат ова ниво било достигнато од ирачка страна пред точно 20 години. Откако Садам Хусеин го окупира Кувајт во 1990 година, инвазијата предизвика ембарго и меѓународни санкции, па извозот на ирачка нафта заоичнал да паѓа.
Ирачкиот заменик-премиер Хусеин аш Шахристани вели дека производството на нафта во Ирак минатиот месец би било уште поголемо, доколку се надминеа разликите меѓу Багдад и автономниот регион Ирачки Курдистан во однос на производството и извозот на нафтата.
Властите во овој регион сметаат дека нафтата и природниот гас произведени во Ирачки Курдистан се сопственост на овој регион и тргуваат со нив на меѓународните пазари, без трансакциите да минуваат преку федералните власти во Багдад.
Ирачките власти очекуваат до 2017 година производството на нафта да го зголемат до девете милиони барели на ден.
Слично
