ИРАК: Екстремистите ја зазедоа некогашната фабрика за хемиско оружје на Садам Хусеин
Екстремистите од организацијата Исламска држава на Ирак и Левант ја зедоа под своја контрола некогашната фабрика за производство на хемиско оружје од времето на Садам Хусеин.
Најжестоки борби и натаму се водат за клучните стратешки капацитети - аеродромот во Тел Афар и нафтената рафинерија во Баиџа.
Ирачкиот претседател Нури ал-Малики ги повика офицерите - резервисти за да ги зајакне редовите на војската соочена со офанзивата на сунитските екстремисти.
Американскиот претседател Барак Обама, пак, соопшти дека е подготвен да испрати 300 воени советници во Ирак, со цел да и помогне на ирачката Влада да се справи со заканата. Можноста за воздушна интервенција од САД засега е ставена во мирување, со оглед на тоа што главниот град Багдад е безбеден во моментов.
Но, ирачкиот премиер Малики не добива позитивни оценки за справувањето со ситуацијата. Франција денеска повика на формирање на влада на единство во Ирак, со или без актуелниот шиитски премиер, за да им се спротивстави на сунитските екстремисти кои напредуваат во офанзивата.
Министерот за надворешни работи на Франција Лоран Фабиус вели дека офанзивата на припадниците на екстремистичката група Исламска држава на Ирак и Левант, претставува „закана без преседан“.
„Ова е првпат една терористичка група да се заканува да преземе контрола врз цела држава. Мора да постои влада на национално единство, со или без Нури ал-Малики“, рече тој.
Слично
