Ирачката војска во офанзива против екстремистите со хрватско оружје?
Во екот на офанзивата на џихадистите, ирачките власти се обидуваат да се одбранат и со - хрватско оружје, пишува хрватскиот весник „Јутарњи лист“. Според информациите на весникот, хрватскиот производител на оружје ХС Продукт со властите во Багдад договорил продажба на оружје во вредност од 30 милиони евра.
Оружјето од фабриката во Карловац - пиштоли, пушки и минофрлачи, треба да замине во рацете на ирачката војска и полиција, која со тешка мака се обидува да се справи со радикалната Исламска држава на Ирак и Левант која му се заканува и на Багдад. Исламистите веќе зазедоа голем дел од централен и западен Ирак, вклучувајќи го и вториот по големина град во земјата Мосул, како и значителни делови од соседна Сирија. На запоседнатите подрачја веќе вовеле шеријатски закон, а главна цел им се рафинериите во богатиот со нафта Ирак.
Во меѓувреме, ирачката влада соопшти дека ја добиле првата пратка на руски борбени авиони, кои треба да им помогнат на ирачките сили во борбата со сунитските бунтовници. Претставници на ирачките безбедносни сили соопштија дека пет авиони од типот Сухој ќе бидат ставени во функција за некој ден, а дека уште авиони се на пат кон Ирак. Се претпоставува дека ирачката влада за авионите платила 500 милиони долари.
Слично
