ИНДОНЕЗИЈА ТАГУВА: Ова е бројот на жртви од цунамито
Над 1.400 лица се повредени, а најмалку 128 се водат како исчезнати по цунамито кое ја погоди Индонезија.
Бројот на жртви од цунамито кое во саботата го погоди западниот брег на Јава се искачи на 429 лица, објавија од Агенцијата за катастрофи на Индонезија.
Над 1000 објекти се оштетени или целосно разрушени, вклучувајќи и стотоци домови.
Спасувачките екипи со помош на кучиња трагачи и дронови трагаат по преживеани од цунамито, кое ги погоди островите Јава и Суматра.
Метеоролошката агенција регистрираше ерупција на вулканот Кракота во саботата. Но, од индонезиската Геолошка агенција велат дека не можат да потврдат дека цунамито било поттикнато од ерупцијата затоа што уште од минатиот јуни имало ерупции, кои не предизвикале цунами.
Геолошката агенција и натаму ги истражува причините за цунамито.
Удин Ахок (46) беше принуден да направи избор со каков што никој не би требал да се соочи – да ја спаси сопругата, или пак, мајка си и својот син, во цунамито што ја погоди Индонезија, пренесува „Ченл њуз Азија“.
Ахок бил разбуден без предупредување во саботата навечер, кога водата удрила во неговата куќа во селото Вај Мули на брегот на Суматра. Во паника, тој се борел за да дојде до неговата 70-годишна мајка и до едногодишниот син, кога забележал како неговата сопруга се дави. Индонезиецот успеал да ја извлече сопругата, додека неговата мајка и синот биле пронајдени мртви под урнатините.
„Немав време да ги спасам мајка си и синот. Многу жалам. Само можам да се надевам дека сега имаат место во божји раце“ – кажа низ Ахок, кој е сместен во прифатилиште за преживеаните во еден од најпогодените региони од цунамито во Индонезија, во кое над 400 луѓе ги загубија животите.
Жена од истото село, која е во шести месец од бременоста, преживеала благодарение на соседот кој ја забележал како паѓа во водата.
