Имало хемиски напад во Сирија во кој десетици загинале?
Десетици луѓе загинаа во наводен хемиски напад кој вчера e извршен врз последниот бунтовнички бастион во Источна Гута, кај главниот град на Сирија, Дамаск.
Волонтерската спасувачка организација „Бели шлемови“ тврди дека хеликоптер фрлил буре полно со експлозиви и хемикалии врз градот Дума, при што се убиени повеќе од 40 луѓе. Организацијата прецизира дека цели семејства се задушиле во подрумите од отровниот гас. „Бели шлемови“ на Твитер објави фотографии на наводни жртви на хемискиот напад, вклучувајќи жени и деца, како безживотно лежат со пена на устата.
Проопозицискиот Медиумски центар „Гута“ соопшти дека во нападот загинале 75 цивили
Официјалната сириска новинска агенција САНА ги отфрли обвинувањата.
Портпаролката на американскиот Стејт департмент, Хедер Науерт изјави дека меѓународната заедница треба да одговори ако се потврди кредибилитетот на информациите за хемиски напад.
