ИМА ЗАГИНАТИ И ПОВРЕДЕНИ: Нападнат e конвој амбулантни возила пред болницата Ал Шифа во Газа
Нападнат e конвој амбулантни возила пред болницата Ал Шифа во Појасот Газа. Нападот е извршен со беспилотно летало, има загинати и повредени, јави Ал Џезира и Тајмс оф Израел.
Во најголемата болница во Појасот Газа се сместени повеќе од 5.000 пациенти и десетици илјади раселени. Претставник на болницата на прес-конференција побара меѓународна заштита за амбулантните возила.
Портпаролот на Министерството за здравство во Појасот Газа, Ашраф ал Кудра, изјави дека возилата превезувале меѓу 15 и 20 тешко повредени пациенти кои требало да бидат префрлени на преминот Рафах на границата со Египет.
Министерството за здравство на Газа објави и дека Израел го нападнал крајбрежниот пат во Газа, кој требаше да биде безбедна рута за евакуација на цивили на југ. Министерството тврди дека најмалку 14 Палестинци кои бегале јужно од Газа по тој пат загинале. Израелската војска соопшти дека го проучува извештајот на Министерството за здравство на Газа. На 7 октомври Хамас почна со напади на Израел. Министерството за здравство во Појасот Газа денеска објави дека во изминатите 24 часа загинале 196 луѓе. Од избивањето на војната се убиени 9.227 Палестинци.
