ИМА ЛИ ЗАКАНА ОД ПАНДЕМИЈА НА ХЕПАТИТИС? Потеклото е мистериозно, а откриен е кај деца во Европа и САД, за некои е потреба трансплантација на црн дроб
Случаи на хепатитис или воспаление на црниот дроб се
пријавени во Данска, Ирска, Холандија, Шпанија и САД, соопштија здравствените
власти. Минатата недела британските здравствени власти објавија дека откриле
повеќе случаи на инфекција кај децата од вообичаено.
Причината за инфекцијата се уште не е позната.
Европскиот центар за контрола на болести (ECDC) не прецизираше колку случаи се откриени во четирите европски земји. Сепак, Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека помалку од пет биле пронајдени во Ирска и три во Шпанија. Се додава дека најверојатно во наредните денови ќе бидат откриени уште случаи.
Истрагите за причините за инфекцијата се во тек во сите европски земји каде што се пријавени случаи, соопшти ECDC.
Во Соединетите Американски Држави, Одделот за јавно здравје на Алабама соопшти дека девет случаи биле откриени кај деца на возраст меѓу една и шест години, а во два случаи ќе биде потребна трансплантација на црн дроб. Истраги за слични случаи се спроведуваат и во други држави.
Хепатитисот обично е резултат на вирусна инфекција, а може да биде предизвикана и од изложеност на одредени хемикалии, консумирање премногу алкохол, лекови и одредени генетски нарушувања.
Постојат пет главни типови на хепатитис предизвикани од специфични вируси - познати како А, Б, Ц, Д и Е - но се чини дека ниту еден не предизвикал воспаление на црниот дроб забележано кај овие деца досега.
Некои видови на хепатитис можат да поминат без сериозни проблеми, додека други можат да бидат долготрајни.
Најголем број случаи се пријавени во Британија - со вкупно 74 пријавени досега. Минатата недела, Агенцијата за здравствена безбедност на Обединетото Кралство соопшти дека вообичаените вируси кои предизвикуваат заразен хепатитис (хепатитис А до Е) не се откриени меѓу случаите во Велика Британија.
Затоа, истражувачите бараат други можни причини и веруваат дека причината може да биде обичен аденовирус.
Аденовирусите се фамилија на вируси кои обично предизвикуваат благи болести како што се настинки, повраќање и дијареа.
Сепак, се наведува дека се истражуваат и други можни причини за инфекција, а не е исклучен ниту Ковид-19. Се додава дека нема очигледна поврзаност со вакцините против Ковид.
