Има ли американски платеници во Украина?
Руските власти денеска обвинија дека 150 американски платеници се наоѓаат меѓу украинската полиција која се пресметува со проруските демонстранти во источните делови на Украина.
Според официјална Москва, станува збор за припадници на американската приватна компанија „Грејстоун“, кои се облечени во униформи на руската специјална полициска единица „Сокол“. Заради ова руското Министерство за надворешни работи изрази „посебна загриженост“.
Компанијата „Грејстоун“ побрза да демантира дека нејзини вработени ги „засилуваат“ украинските полициски сили, а и американскиот Стејт департмент се огласи со соопштение во кое краткос е наведува дека САД немаат никакви воени единици во Украина.
Според податоците достапни на интернет, компанијата „Грејстоун лимитед“ е приватна воена фирма, која склучува договори и нуди услуги за безбедност и тренинзи. Регистрирана е на Барбадос, а на својата интернет страница рекламира дека „може да обезбеди персонал од најдобрите војски во целиот свет“ за брзо распоредување секаде во светот. Нејзините задачи можат да бидат од ситни операции за поддршка, до големи операции за стабилизација, кои опфаќаат поширок регион.
На нивната интернет страница може да се прочита дека неодамна биле вклучени во безбедносни операции во Русија и во Кавкаскиот регион, но не се наведува посебно Украина.
Компанијата „Грејстоун“ е формирана пред 47 години од поранешни припадници на британската специјална единица САС, но подоцна станала дел од големата американска империја за регрутација на платеници која постојано го менува името - најпрвин беше „Блеквотер“, потоа „Ксе Сервисес“, па „Академи“ и конечно сега „Американски тренинг центар“.
Најмногу операции извела со американската војска и тоа во Ирак, Авганистан и во Африка. Нема прецизни информации колку „тежи“ пазарот на приватните воени услуги, но се проценува дека неговата вредност во светски рамки надминува 200 милијарди американски долари годишно.
Слично
