ИМ КАЖУВАМЕ ЗБОГУМ НА ОГРАНИЧУВАЊАТА И МУ ВЕЛИМЕ ДОБРЕДОЈДЕ НА ЖИВОТОТ ШТО ГО ЗНАЕВМЕ ПРЕТХОДНО - еве која европска земја целосно ги укина рестрикциите
Во Данска денеска се укинаа речиси сите ограничувачки мерки за коронавирусот, и покрај релативно високата инциденца во земјата.
Задолжителното носење маска сега е минато, заедно со прикажувањето на сертификати за коронавирус, со кои се докажува дека лицето е вакцинирано, го прележало вирусот или има негативен резултат од тестот. Отсега ќе може да се одржуваат големи настани, а посетителите на ноќните клубови повторно ќе можат да се забавуваат без маска.
Сето ова е поврзано со фактот дека Ковид-19 повеќе не е класифициран како „критичен за општеството“, ознаката што ѝ дозволи на владата да воведе далекусежни рестриктивни мерки.
Единственото правило што остана на сила е патниците да мора да покажат доказ за вакцинација при влез во државата.
Данска направи сличен потег и во септември, но откако бројот на заразени почна нагло да расте набрзо потоа, мерките повторно постепено беа воведени.
Минатата недела, дневниот број на заразени во Данска се движеше од 33.000 до 47.000, а тоа беше тешко да се замисли пред појавата на многу заразната варијанта омикрон.
Високиот број на заразени, сепак, не ги оптоварува болниците, и покрај стравувањата. Високата стапка на вакцинација во земјата се смета за главната причина зошто здравствениот систем остана во добра состојба.
„Ја мнавме критична фаза“, изјави данската премиерка Мете Фредериксен минатата недела кога најави укинување на мерките. „Од 1 февруари Данска ќе биде отворена, целосно отворена“, кажа таа со насмевка.
„Подготвени сме да излеземе од сенката на коронавирусот. Ние им кажуваме збогум на ограничувањата и добредојде на животот што го знаевме претходно“, рече таа.
