ИЛЈАДНИЦИ РАСЕЛЕНИ ВО ЛИБАН: Израел ќе продолжи со напади
Десетици илјади луѓе се раселени во Либан, додека Израел оди на нов бран напади врз државата.
Околу 90.000 либански граѓани се раселени од понеделникот, според Обединетите нации(ОН), бидејќи двете страни се поблиску до целосна војна.
Бројот на внатрешно раселените лица достигна повеќе од 200.000, додавајќи на 111.696 кои веќе беа принудени да избегаат од октомври минатата година, соопшти во средата Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања (OCHA), пишува Еуроњуз.
Во меѓувреме, најмалку 15 луѓе загинаа, а десетици се повредени во средата во Либан, соопшти Министерството за здравство, откако израелската војска започна уште еден бран на, како што рече, „опсежни напади“ на југот на земјата.
Претходно истиот ден, Хезболах лансираше десетици ракети во Израел, вклучително и проектил со поголем дострел што ги активира сирените за воздушни напади во Тел Авив и централен Израел.
Израелската војска утринава повторно ги повика жителите на јужен Либан да се евакуираат од местата што се наоѓаат во близина на позициите на Хезболах најавувајќи дека ќе продолжат со воздушните напади.Според американскиот претседател Џо Бајден, можна е сеопфатна војна.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави денеска дека ризикот од ескалација на Блискиот Исток е „акутен“ и дека Вашингтон и неговите сојузници неуморно работат за да избегнат војна од целосен размер.
