Иднината на Нокиа во рацете на Мајкософт
Мајкрософт се обидува да купи дел од погоните на финската компанија кој се однесува на мобилните телефони. Откако Мајкософт ја презеде Нокиа, за иднината на финската компанија се роди нова надеж.
Оптимизмот завладеа и во едно мало финско место, од каде почна приказната за Нокиа и чиј секој петти жител бил вработен во оваа компанија. Сало е родното место на еден од најпознатите брендови на светот. Нокиа во ова место почна да произведува телефони во 70-тите години. Кога компанијата беше на својот врв, градот беше индустриски центар на државата.
Денешната слика е многу поинаква. Неснаоѓањето на Нокиа во светот на смартфоните резултираше со целосен прекин на производството лани во овој град.
Секојдневни задолжувања
Градскиот буџет претрпе удар од 50 милиони евра корпоративни даноци, т.е. 15 отсто од годишниот буџет. Финансиската состојба станува се полоша.
- Нашите трошоци изнесуваат милион евра дневно, а заработката е 900.000. Така секој ден се задолжуваме за 100.000 евра за да ги финансираме нашите служби. Тоа е над 30 милиони годишно – наведе градоначалникот на Сало, Анти Рантакоко.
Даноците пораснаа за да се надомести загубата, а следниот чекор се откази или дури и затворање на погоните.
- Ни требаат многу години да го избалансираме буџетот. Мораме да правиме дополнителни резови. Ќе мораме да ги отпуштиме работниците во јавниот сектор, што во Финска е многу необично. Само уште три градови се во слична состојба – изјави Рантакоко.
Порано во Нокиа работеле 6.000 работници. Сега останале 1.200 кои работат во истражување и развој.
Невработеноста во градот достигна 15 отсто, речиси двојно повеќе од државниот просек. Наспроти се, Нокиа и понатаму е гордост на градот.
Нема гаранции
Еден хотел доби име по еден од основачите на Нокиа, но излогот внатре во хотелот покажува дека компанијата живее од стара слава. Смартфони нема на излог.
Мика Паукери 20 години работи во Нокиа. Тој и неговите колеги веруваат дека компанијата може да зајакне.
- Верувам дека иднината ќе биде подобра, бидејќи имаме многу искуство во технологијата за правење на мобилни уреди. А верувам и во тоа дека сме му потребни на Мајкрософт – смета Паукери.
Неговиот колега Мика Кортелаинен се присети на времињата кога Нокиа беше на врвот. - Бевме број еден. Бевме најдобри во светот. Тоа беа добри времиња тука во Сало. Атмосферата беше одлична – вели тој.
Мајкрософт се обидува да купи дел од погоните на Нокиа кои се однесуваат на мобилните телефони. Ако се усвои, со договор од речиси 5,5 милијарди евра сите работници од Сало ќе бидат задржани. Но, нема гаранција за траење на нивните договори. Не се само судбините на работниците на коцка, туку судбината на цел град.
извор: Миа
